Утре, сабота започнува третиот круг во рамките на Втората Македонска фудбалска лига група Исток со одигрување на 19 коло. На „градски“ во Штип екипата на Брегалница која е лидер на табелата ќе се сретне со тимот на Каменица Саса кој пак минатиот викенд на домашен терен загуби од конкурентот на Брегалница, Тиквеш од Кавадарци. Следствено на тоа се очекува Брегалница како фаворит да освои нови три бода и со тоа да ја задржи бодовната разлика која изнесува 7 бодови во однос на второпласираниот Тиквеш. Но, тимот на „рударите“ е одлично фудбалски поткован на чело со „довчерашниот“ капитен на Брегалница Горан Здравков и штипските сини треба внимателно и со добра игра да влезат во овој натпревар. За натпреварите од ова 19 коло веќе се делегирани и опфицијалните лица а на градски во Штип правдата ќе ја дели тетовска судиска тројка. Главен судија ќе биде Александар Урошевиќ, прв помошник Александар Ѓорѓевски, втор помошник ќе биде Хабиљ Љиворека а четврти судија ќе биде Салихи Пларент. За Контролор е делегиран Бранко Величковски од Крива Паланка а Делегат ќе биде Жанко Савов од Скопје. Спортската редакција на Мнет ТВ благодарејќи на одличната соработка со ФФМ ќе врши директен пренос од овој натпревар со почеток во 15.00 часот. Еве ги комплетните двојки за ова 19 коло:
- Брегалница – Каменица Саса
- Тиквеш – Слога
- Кит Го Пехчево – Победа
- Кожув – Плачковица
- Осогово – Росоман
Сите натпревари ќе се одиграат во сабота 13 март 2021 г. со нов термин на почеток во 15.00 часот.
Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk
