Текстилец со тежок меч против фаворитот Вардар Неготино во Штип, Овче Поле на тешко гостување кај Младост во Богданци

Во рамки на петтото коло на Првата ракометна лига ракометарите на Текстилец на домашен терен во Штип ќе се соочат со фаворитот Вардар Неготино. Ова ќе биде меч каде штипските ракометари ќе бараат трет триумф, после поразот во претходното коло од Партизан, додека пак тимот од Неготино како голем фаворит ќе оди по освојување на целиот „плен“ во Штип.

Квалитетот е на страната на гостинот од Неготино кои има искусни ракометари и не би требало да има многу проблем за триумф.

Тешко гостување ќе има и Овче Поле, тимот од Свети Николе ќе се соочи со апсолутниот фаворит Младост во Богднаци. Речиси сигурно е дека тимот на Горан Андоновски ќе ја продолжи победничката серија со триумф и против тимот од Свети Николе.

Како апсолутен фаворит ќе настапи и Мулти Есенс против Кичево, каде се очекува лесна победа за тимот од Автокоманда, екипата на Македонија ЃП ќе ја бара втората радост против тимот на Јехона, во неизвесен дуел.

Драчево Јуниор во улога на голем фаворит ќе го пречека Партизан каде се очекува домашна победа, а се друго ќе биде изненадување, а пак во меѓусебен дуел Аеродром и Преспа ќе се соочат за втор триумф.

Во рамки на петтото коло екипата на Шампион ќе биде слободна.

Александар Ванев, М-Нет