
Со солзи во очите и болка која станува сe поголема, родителите на Ангелите од Кочани и по повеќе од година ипол не престануваат да ја бараат правдата за своите деца. По 50-ти пат и овој викенд маршираа низ улиците на Кочани. И додека тие секој ден ја чекаат правда, како што тврдат одбраната предложила повеќе од 200 сведоци. За родителите, ниту времето, ниту стотиците искази не можат да ја променат трагедијата и материјалните докази. Нивното барање велат е едноставно, правда за Ангелите и судење без одолговлекување.
,,Стоиме овде во трговскиот центар во Кочани, местото каде што се смееја и живееја нашите деца. Слушаме дека одбраната на обвинетите предложила над 200 сведоци. Не знамее што планираат да кажат, но како родители прашуваме, може ли бројот на сведоци да ја избрише трагедијата. Може ли зборот да ги избрише цврстите материјални докази. Неодбранливото не се брани. Ние не бараме пресуда од улица, бараме чиста правда и судење без одолговлекување.“, велат родителите
Родителите реагираат и на новиот притвор за Дејан Јованов и на изјавите на неговата адвокатка дека истрагата е конструкција и измислица
,,Основниот кривичен суд Скопје му одредил нов притвор од 30 дена на Дејан Јованов. Поради сомнеж за давање поткуп поврзан со истрагата за пожарот во Пулс. По објавата се огласи неговата адвокатка. Во своето излагање адвокатката го прикажува како невин и жртва, а истрага ја нарекува конструкција и измислица. Се разбира тоа е нејзино право како бранителка, но според нејзината изјава, обвинителството ги имало фактите и доказите уште пред година ипол. Значи доказите можеле да постојат толку долго, но истрагата станала измислена дури кога обвинителството почнало да постапува по нив. Интересна логика, кога прашањата за лиценцата се споменуваат во главниот предмет, тие се дел од расправата. Пред повеќе од две недели, поднесовме барање за сомнеж за даночно затајување поврзано со Дејан Јованов. Дали е веќе оформен предмет и до каде е постапувањето. Дали државен инпексторат за труд има поднесено кривична пријава за сомнежите поврзани со лиценцата и фалсификување исправа.“, додаваат тие
Родителите дополнително од маршот истакнаа дека бараат одговор на нивните прашања, до каде е постапувањето по сомнежите за давање поткуп и давање награда за противзаконито влијание на вработени од УЈП, поврзани со случајот Пулс. До каде е предистражната постапка, поврзана со државен инспекторат за труд. Дополнително бараат обвинителството да им објасни кои постапки се водат, против кого, за кои дела и до каде се стигнати.
Иван Митев, М-Нет