
Организаторите на „Струмина Трејл“ излегоа со јавно соопштение преку социјалните мрежи во кое ја информираат спортската и пошироката јавност за најавената изградба на ветерен парк во близина на Штип, проект кој директно ја засега дел од познатата трејл рута.
Станува збор за проект кој, како што велат од Струмина Трејл, ќе донесе значителни промени во просторот каде што се одвиваат трките и активностите во придодата, особено на делниците кои важат за едни од најатрактивените за учесниците.
Како што посочуваат од Струмина Трејл во нивното соопштение, директно се влијае на промени на пејсажот, создавање на бучава од турбините, ризик за птиците и лилјаците и нарушувања на почвата и водните текови за време на градбата.
„Почитувани тркачи, планинари, љубители на природата и граѓани на Штип. Со овој пост сакам да ве информирам за изградбата на најголемиот ветерен парк во Македонија, во непосредна близина на Штип. Се планира изградба на вкупно 60 ветерни електрани меѓусебно поврзани со патна инфраструктура. Оваа изградба ќе влијае преку трајно покривање на делови каде е планирана линиска инфраструктура и површините за градба за ветерните турбини, преку запечатување на почвата. Планскиот опфат зафаќа пасишта и плодни земјишта, кои со урбанистичкиот план се пренаменуваат во градежно земјиште, со што се прави промена во идната намена на земјиштето, со можни влијанија врз плодноста, физичките/хемиските карактеристики. Можните и најверојатни негативни влијанија се:промени во пејсажот, создавање на бучава од турбините, ризик за птиците и лилјаците и нарушувања на почвата и водните текови за време на градбата. За жал оваа изградба покрива и дел од рутата на Струмина Трејл, и тоа можеби најживописниот дел со зимзелена шума, кој и по истекот на животниот век од 25-30 на овие ветерни единици трајно ќе остане деформиран. Се работи за делот од Клисе Баир, каде ќе биде поставена првата ветерна единица па се до Ѓупски Рид“, велат во соопштението од Струмина Трејл.
Останува да видиме како овој проект ќе се одрзи врз иднината на „Струмина Трејл“, кој во изминатите години прерасна во препознатлив спортско-рекреативен настан и омилена дестинација за тркачи и љубители на природата од целиот регион.
Александар Ванев, М-Нет