
РК Струга и во сезоната 2025/26 ќе биде дел од македонската ракометна Суперлига, откако во бараж натпреварот за опстанок ја совлада екипата на Мулти Есенс со резултат 24:19.
Натпреварот се одигра во Прилеп и понуди квалитетна и борбена игра од двете страни. Тимот од Струга, кој ја заврши сезоната на петтото место во плеј-аутот, успеа да ја искористи шансата и преку бараж да го обезбеди својот суперлигашки статус.
Првото полувреме мина во изедначено темпо и заврши со резултат 12:12. Но, во второто полувреме стружани одиграа поцврсто и поорганизирано, правејќи клучна серија која им донесе предност што не ја испуштија до крајот.
Најефикасен кај победничката екипа беше Ненад Костоски со 9 гола, додека Филип Пајкоски запиша 5 погодоци. Во редовите на Мулти Есенс се истакна Христијан Гурмешевиќ со 6 гола.
Со оваа победа, РК Струга останува меѓу најдобрите ракометни клубови во земјата, додека Мулти Есенс ќе мора да се обиде повторно следната сезона да се избори за пласман меѓу елитата.
Александар Ванев, М-Нет