Сточарите на колена: Пазарот преплавен со увоз, домашното производство во слободен пад

Неконтролираниот увоз го гаси македонското сточарство – алармира сточарот Бајрам Омер од Лакавица. Тој вели дека додека домашните производители се борат со пад на цените на јагнињата и овчото млеко, пазарот се преплавува со поевтино месо и млеко од странство, што дополнително ги турка на колена. „Нашето млеко е чисто и квалитетно, ама кој да го плати кога се носи увозно?“, вели Омер. Според него, наместо поддршка, сточарите добиваат нелојална конкуренција што им ја одзема и последната надеж за заработка. Вели дека македонските села остануваат без стока а и стоката без сточари.

„Ние оваа година за Велигден добро ги продадовме јагнињата, 280 до 300 денари жива мера и млекото беше 65 денари, овчо млеко, сега намалија на 50 денари овчо млеко, јагнињата 240, 250 денари, ајде кажи како да останат сточари? Сточари имаше, но тоа го уништи државата, ние доста имавме и стока, доста имавме и млеко, доста имавме и домашно сирење, доста имавме и чисто домашен кашкавал, но тоа се направи државата, како намерно. Намалија цена за јагнето, го намалија млекото, а тие од Србија донесуваат и од други држави. Овчото млеко е чисто овчо млеко, кај мене во овчото млеко не смее да има козјо млеко, а млекарите кои го купуваат од таму млекото. Па да ти кажам тогаш уште подобро, млекото го продававме по 28/30 денари и многу повеќе пари имавме. Јагнињата ги продававме по 120/130 денари, пари имавме тогаш, куќе се градеа тогаш, сега ништо не можеме да правиме, разлиаката е многу голема.“- Бајрам Омер, село Лакавица.

Омер посочува дека државата со намалените откупни цени и дозволениот увоз директно го поткопала домашното сточарство, кое некогаш изобилувало со стока, млеко и квалитетни домашни производи. Тој нагласува дека неговото овчо млеко е чисто и автентично, но наместо поддршка за домашното производство, пазарот се преплавува со увоз што ја руши цената и достоинството на сточарите.

Тој вели дека и кога млекото се продавало по 28–30, а јагнињата по 120–130 денари, имале повеќе заработка и граделе куќи, додека денес разликата е толку голема што едвај преживуваат.

Тој предупредува дека ако продолжи ваквиот однос и увозот ја диктира цената, ќе се испразнат трлата, а македонското сточарство ќе стане само спомен од едно поинакво време.

Дајана Сандева, М-Нет