Стариот регионален пат Штип – Кочани ќе се врати во правобитна состојба

Регионалниот пат Кочани – Штип кој се користи моментално треба да биде рехабилитаран и вратен во правобитна состојба. Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски истакна дека одговорност на изведувачот е патиштата кои се користат додека се гради новиот експресен пат ќе бидат вратени во правобитна состојба. Експресниот пат Штип – Кочани под времен режим се пушта во употреба наредната недела.

„Согласно фидик договорите кои ги склучува државата со изведувачите сите оние патни правци кои се околу новиот експресен пат од страна на изведувачот, а кои биле оштетени при изградбата на овој пат ќе бидат доведени во правобитна состојба. Тоа се постоечките патни правци и за тоа можам да потенцирам дека, надзорниот огран, ЈПДП и изведувачот имаат склучено договор во кој сите обврски и клаузули од договорот се почитуваат. За нас најважно е што веќе наредната недела го завршуваме најголемиот капитален проект во Источна Македонија“ – вели Бочварски.

Сликите на патиштата од минатиот век ќе бидат заменети со нови реконструирани и рехабилитирани патишта. На патната инфраструктура во Истокот, но и во цела држава се работи со цел поголема безбедност на граѓаните додека патуваат, вели Бочварски.

„Очекува многу посилен економски раст и развој на источниот регион со пуштањето на овој патен правец, очекувам зголемување на безбедноста на многу повисоко ниво од она што беше до денеска и патните правци кои беа заборавени и по кој патуваа граѓаните а беа слика на минатиот век денеска повеќе таа состојба ја менуваме и денеска имаме комплетно нова слика на патната инфраструктура“ – додава Бочварски.

Истовремено, денеска Министерството за транспорт и врски распиша повик за изградба и рехабилитација на четири локални патишта во Свети Николе во вредност од 30 милиони денари, со што на барање на Општина Свети Николе се подобрува патната мрежа и во оваа општина додава Бочварски.

Лаура Стојанова М-Нет