Ставен под контрола пожарот во Кочани, хеликоптер на Армијата интервенира кај Костин Дол и Новоселани

Во текот на ноќта ставен под контрола пожарот кој во текот на вчерашниот ден беснееше во Општина Кочани. Најкритично беше во Белското маало каде пламените јазици зафатија неколку куќи. Во гаснењето на пожарот учествуваа противпожарни единици од речиси цела држава, а неуморна беше и помошта на граѓаните од Кочани кои придонесоа пожарот да се стави под контрола.

Жителите од село Тркање, кочаноско велат не паметат ваков пожар од огромни размери.

Синоќа околу полноќ во селото Тркање беа и премиерот Зоран Заев, министри кои ја напуштија церемонијата на Мечкин камен и дојдоа во Кочани. Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев истакна дека поддршката која Кочани ја доби е неизмерна и само преку солидарност може да се излезе од едно вакво зло.

Заев додаде дека среќа е што нема изгубено човечки животи, а за материјалните добра не само општината, туку и Владата ќе ги најде сите можни начини за да се помогне.

Во пожарот десетина лица од вдишаниот чад побарале помош во кочанската Општа болница со проширена дејност, но како што посочи и Министерот за здравство Венко Филипче, откако и е укажана медицинска помош пуштени се на домашно лекување.

На местото на пожарот вчера беше и градоначаникот на Општина Штип, Сашко Николов, заедно со дирекоторот на ЈП Исар, кои понудија помош на соседната општина.

Инаку, утринава пуштен е хиликоптер од Армијата за гаснење на пожарот кај Костин дол и Новоселани каде гори дабова и букова шума.

За една недела ова е трет пожар со огромни размери кој ја зафати Општина Кочани. Претходно во средата и четвртокот гореше кај фабриката за вода, кон браната Градче и м.в. „Бавчалук“.

Лаура Стојанова М-Нет