
Со низа спортски игри и спортски предизвици, дечињата од детската градинка „Астибо“ во Штип ја одбележуваат Светската недела на детето. Завршниот настан беше во спортската сала „Јордан Мијалков“ каде децата од средните и големите групи соодветно одговараа на поставените спортски предизвици. Според директорката, Наташа Мусева, активноста е со цел раст и развој кај децата.
„Чест и задоволство ни е што сте дел од нашиот спортски настан, организиран по повод Неделата на детето. Нашите еднонеделни активности ги заокружуваме со спортски игри, коишто ќе ги одржиме овде, во салата „Јордан Мијалков“, со децата од средните и големите групи во нашата градинка „Астибо“. Во овие игри учествуваат сите дечиња со цел подобари раст и развој, совладување на нови вештини во движењето на телото, зајакнување на сензомоторната координација“, истакна Мусева.
Според спортскиот соработник, Дејан Величков, спортските игри се најдобра опција за децата да имаат физичка активност. Тие тоа најчесто го прават од игра и забава, а не толку од натпреварувачка страна. Сепак, додава Величков, мора да се земе предвид возраста на децата и нивните карактеристики со цел да им се овозможи соодветна активност.

„Во нивната возраст, каде што има средна и голема група, пред сѐ се става акцент на моторичките способности кај децата. Потребно е да ги научат правилата на движење, на скокање, играње, со самата игра да ги развијат своите моторички способности. Ние направивме неколку спортски игри за дечињата да бидат весели, среќни, задоволни и да го одбележиме Светскиот ден на детето“, истакна спортскиот соработник, Дејан Величков.
Во рамки на Неделата на детето, дечињата во детската градинка „Астибо“ учествува во активности преку кои ги осознаваа сопствените права. Театарска претстава беше симбол за правото на култура, а преку активност со сензорни шишиња учеа за правото на образование. За правото на среќно и безгрижно детство беше организирана караоке забава. Освен ова, децата креираа и ликовни дела и преку игра ги учеа добрите навики и правилните вредности.
Ребека Спасова М-Нет