Со 30% од вкупната сума Општина Карбинци ќе учествува во санацијата на мостот во Долни Балван

Со 30% од вкупната сума ќе учествува Општина Карбинци во реконструкцијата на мостот во с. Долни Балван. Проектот е веќе изготвен и испратен до Министерството за локална самоуправа, со што градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, очекува помош и од нивна страна.

„Успеавме веќе да го изготвиме проектот и да го аплицираме на една од програмите во Министерството за локална самоуправа, тоа е програмата за диспаритети. Се надевам дека и по усниот договор со министерот за локална самоуправа, ќе изнајдеме средства и ќе влезе во истата програма, набрзо ќе го потпишеме договорот и ќе започнеме со реализација и решавање на овој проблем. Имено, се работи за проект којшто чини околу десетина милиони денари, а во којшто ние како Општина ќе учествуваме со 30%, а остатокот го побаравме од Министерството“, истакна Паунов.

За санација на мостот кој ги поврзува селата Долни Балван и Таринци потребни се десетина милиони денари. Овој мост речиси половина година е затворен за сообраќај, откако во декември минатата година зголемениот водостој на река Брегалница направи штети на истиот.

Лаура Стојанова М-Нет