Со тешки и многу студени зими и снегови високи над еден метар се живее во село Кучица

За да се живее на планината Плачковица, треба да се има големо срце. Жителите од село Кучица вака раскажуваат за животот на ова поднебје. Овде зимите се тешки и многу студени, а снеговите високи до еден метар. За да жителите од ова село бидат безбедни преку целата зима, дополнително треба да ги наполнат свои амбари со жито, бидејќи во спротивно како што велат ќе има глад. Сепак животот овде за нив е убав, затоа што тука има чист воздух, бистра вода и зелени ливади кои се храна за нивните души.

“Тука да живееш да ви кажам треба да имаш големо срце. Ќе фатат мразови, може со недела и месец дена да не можеш да излезеш од селото или некое невреме кое мостот го однесе, а лугето останат блокирани. Секој си има гарант по 500 кг брашно само, а ако немаат не знаат што ги чека утре.“, додаваат жителите

“Па добро е со земјоделие овде се работи, со тутун, сточарство и тоа. Јас сум овде од 90 година, a oд радобишко Коџанија сум роден, ама тука сум женет и тука сум дојден. Oвде има чист воздух, само е лошо што сме оддалечени од градот.”, велат жителите

И овде трендот за напуштање на огништата со годините започнал да биде присутен, па жителите од селото велат дека после нив, нема кој да живее овде.

Инаку, Ова мало село се наоѓа во областа Јуруклак, во крајниот југоисточен дел на територијата на Општина Карбинци а на северозападните ограноци на планината Плачковица, припаѓајќи на групата потпланински села. Селото е планинско, на надморска височина од 770 метри. Од градот Штип е оддалечено околу 30 километри.

Лаура Стојанова, М-Нет