Со смеа, џагор, песни и игри денес оддекнуваше ЗОО парк „Бриони“

Во пресрет на Велигденските празници, ЗОО паркот „Бриони“ во Штип се претвори во место полно со радост, детски смеа и вистинска празнична енергија. Општина Штип по четврти пат ги организира „Игрите без граници“, каде најмладите уживаат во дружбата, цртањето јајца и детските игри. Директор на ЈП Исар Александар Арсовски вели дека од година во година, паркот се развива со нови живеалишта и нови видови животни, што дополнително ја збогатува неговата привлечност.

„Во пресрет на Велигденските празници Општина Штип традиционалнио, веќе четврта година по ред го организира Велигденските „Игри без граници“, во ЗОО паркот Бриони во Штип. Чест ми е да напоменам дека во изминатиот период реконструиравме, изградивме целосно нови живеалишта, донесовме и 7 нови видови на животни. Овде има весели детски насмевки. Ќе им понудиме на сите љубители на природата, на животните, на детската музика, еден прекрасен ден исполнет со забава. Гледам дека многу од посетителите, однисно нашите најмлади дечиња, воопшто немаат видено поголем дел од овие животни, така да ми претставува особена чест што за прв пат дел од нив ќе имаат можност да ги видат токму овде.“- Александар Арсовски

На прашањето дали децата денес се задоволни од настанот и дали си поминале убаво, тие беа еднакво задоволни. Нивните кратки, но искрени изјави ја пренесоа целата радост и енергија од денот поминат овде.

Со песни, игри и детски смеа што одекнуваше низ целиот ЗОО парк „Бриони“, најмладите го исполнија денот со радост и разиграност. Насмевките на нивните лица беа најубавиот доказ дека овој настан им подари незаборавно искуство и вистинска празнична магија.

Дајана Сандева, М-Нет