
Со рекорден број прекршоци стартуваше 2026 година – речиси 16.000 и 74 приведени лица. Од вкупниот број прекршоци, најмногу биле за брзо возење, а од приведенте лица, најмногу за возење под дејство на алкохол.
,,Во месец јануари 15.943 сообраќајни прекршоци, лишени од слобода 74 лица за безобѕирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик. Од вкупнот број прекршоци, 3.683 се однесува на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење.
Лишени од слобода за безобѕирно управување на возило биле 74 лица, од кои 67 за возење под дејство на алкохол, еден поради возење под дејство на дрога и психотропни супстанци или прекурсори, еден возач поради возење во забранет правец, еден за возење со брзина поголема од дозволената во населено место, четири за возење со брзина поголема од дозволената надвор од населено место.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, во текот на месец јануари евидентирани се 4.233 прекршоци за неправилно паркирање, 1.611 мерки се изречени за возачи што управувале возило без возачка дозвола, како и 474 санкции за возење под дејство на алкохол.“, велат од МВР
Од друга страна пак, а согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле 16 возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем, а санкционирани се и 184 пешаци и еден возач на електричен тротинет. Исто така санкционирани се 1.093 учесници во сообраќајот кои што не користеле појас. Согласно Законот за возила, 310 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а 141 заради техничка неисправност. Санкционирани се и 90 возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии), а еден возач поради неовластено вградување и користење на уреди за давање на посебни светлосни и звучни знаци во возилата (флешери).
Иван Митев, М-Нет