Со претставата „Животот е прекрасен“ одбележан Светскиот ден на театарот во Штип

Публиката со громогласен аплауз, директорот со букет цвеќе, на актерите од штипскиот театар им го честитаа Светскиот ден на театарот. Ден пред театарскиот празник, љубителите на театарот и театарските претстави можеа да уживаат во претставата „Животот е прекрасен“. Во склоп на истата беше прочитана и овогодишнешната порака за меѓународниот празник, сѐ со цел да се даде вредност на театарската уметност.

За актерите, пак, да се биде член на театар е живот, па како што велат, затоа е и претставата на овој ден. Животот е прекрасен, бидејќи театарот е прекрасен, вели актерот Ефтим Трајчов Ѓаурски, кој го игра еден од ликовите во претставата. Да се биде актер е чест и привилегија, додава актерот Милорад Ангелов.

„„Животот е прекрасен“ затоа што како и сите претстави, не е токму оваа за Денот на театарот, но убавото е да го прославиме. Вообичаено, ние го славиме денот со премиери, ќе имаме за брзо премиера. Меѓутоа, оваа претстава е затоа што, како што кажува и самиот наслов, животот е прекрасен, претставата е убава, публиката ја сака. Еве денес, на 26 март, ден порано, го прославивме Денот на театарот со убава публика, убава енергија на сцена. Да ни биде вечен, да ни биде убав театарот, како што и секогаш бил“, истакна Трајчов Ѓаурски.

„Да бидеш актер е чест и привилегија. Да бидеш актер под ова театарско небо значи да си човек посветен на уметноста. Да бидеш актер значи да постоиш, да твориш и навистина е прекрасно чувството. Но да бидеш актер е и голема одговорност пред сѐ, во овие тешки денови актерите се во првите борбени редови, навистина имаат голема мисија да ја расположат публиката по сѐ што се случува. Мислам дека ние успеваме во тоа и веќе кога излеговме од тој пандемиски период, салите повторно се полни, публиката повторно се врати и ние сме на првите браници со нашите претстави. Нека е вечен празникот! Нека се слави! Нека Штип и цела Македонија има убав театар, публиката да доаѓа и да ги гледа претставите и нашите прекрасни актери! Само така ќе се дружиме и ќе имаме убави претстави“, додаде Ангелов.

На иницијатива на Интернационалниот театарски институт на УНЕСКО во театрите низ светот се прославува Светскиот ден на театарот и пред почетокот на претставите се читаат пораките – национална и светска порака, напишани од актери, драмски автори, режисери, продуценти. Одбележувањето на овој ден е иницирано на 9. Светски конгрес на Институтот во јуни 1961 година, а од наредната година тој почнал да се слави на 27 март – датумот кога е отворена сезоната на „Театарот на нациите“ во Париз.

Ребека Спасова М-Нет