
Со одржување на спортски игри во спортската сала „Јордан Мијалков“ во Штип, одбележана Неделата на детето. Дечињата од двете детски градинки во Штип заеднички учествуваа во завршниот настан. Дополнително се спроведоа и низа активности во текот на целата недела. Во Детската градинка „Вера Циривири Трена“ Штип се собираа донации, се изработија беџови, а дечињата беа дел и од повеќе манифестации.
„Секој октомври првата недела е посветена на детето. Во нашата градинка се спроведоа низа активности во текот на целата недела и како последен работен ден заедно со другата градинка се договоривме заеднички децата да ја затворат неделата и да го спроведат спортскиот настан. Мислам дека се опфатени сите права на децата“ – вели Ангеличкова.
Слични активности имаше и во детската градинка „Астибо“ во Штип. Но, главната цел со денешниот настан е правилниот раст и развој на децата, како и правилно згрижување и воспитување.
„Активности се слични. Имавме и ние донациски акции за облека и за детски играчки. Децата ги остварија нивните права и ги остваруваат во текот на целата година. Ова е недела во која ние сакаме посебно да истакнеме на што треба да се внимава при воспитувањето и згриживањето на децата“ – вели Митров.
Неделата на детето се одбележува секоја година во првата недела од октомври, со цел да се потсети на правата на децата и да се промовираат активности за нивно подобрување.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет