
Речиси две недели граѓаните од улица „Борко Талев“ и околните домаќинства имаат проблем со водоснабдувањето. Прво заради дефект на водоводна цевка беа без вода за пиење, потоа имаа техничка вода, па вода на рати, односно со намален притисок. Велат ако се пушти поголем притисок пука нова цевка. И денеска на терен можеше да се забележи работа, а како што истакна директорот на ЈП „Исар“, Трајче Здравков, причина за ваквата ситуација во центарот на Штип се низа на дефекти на цевки стари над пет децении.
„На улицата Борко Талев во изминатите неколку денови имавме низа на дефекти, при што на секој дефект заменувавме дел од водоводната мрежа , но донесовме одлука на колегиум да се направи реконструкција на 200 метри на улицата Борко Талев и Јане Сандански. Во моментот ќе почнеме да ги правиме подготовките за реконструкција, ќе поднесеме барање до Советот на општината да го вметнеме тоа во програмата за веќе од наредната недела да започнеме и со замена на цевководот со што би се решил проблемот еднаш за секогаш“ – кажа Здравков.
Со започнување на новите активности од наредната недела Здравков истакна дека граѓаните нема да се соочат со недостиг на вода, бидејќи тие вода имаат и сега.
За ова ќе бидат издвоени нови финансиски средства кои ќе бидат вметнати во програмата како средства за реконструкција на улицата Борко Талев, и истата ќе биде доставена до Советот на Општина Штип.
Лаура Стојанова М-Нет