Со громогласен аплауз актерите од штипскиот театар го испратија во пензија својот колега Раде Рогожаров

Емотивно, со громогласен аплауз актерите од штипскиот театар го испратија во пензија нивниот колега Раде Рогожаров. Публиката низ годините можеше да го гледа низ бројни претстави, но и во најразлични други проекти.

Покрај тоа што беше актер, тој беше и водител, шоумен, музичар, а малкумина знаат дека во младоста се занимавал и со атлетика. Се пензионираше како вработен во Народен театар Штип, каде се вработи веднаш по дипломирањето, во 1988 година. Секоја професија, секоја работа е лесна ако се работи со љубов, посочи Рогожаров вчеравечер на сцената во штипскиот театар, одбележувајќи го денот на театарот.

„Јас само сакам да споделам еден момент со вас, како се чувствуваме ние актерите. Да ви кажам дека честопати ми велат: „Ех, лесна е вашата, вашата е како песна!, „Епа дојди испеј ја ако е лесна!„. Секој од свој аспект за својата професија, секоја работа е и тешка и лесна, зависи како ја работиме“ – вели Рогожаров.

Во својата долгогодишна кариера како театарски, филмски и телевизиски актер добитник е на голем број награди.

Беше дел од екипата на култните детски емисии „Бушава азбука“ и „Во светот на бајките“ кои беа хит во 80-тите и 90-тите.На филмското платно за прв пат се појавува во филмот „Среќна нова 49-та“, а беше водител и на бројни ТВ емисии.

Тој е роден во Штип во 1960 година, а дипломира на Факултетот за Драмски уметности во Скопје.

Лаура Стојанова М-Нет