„Со вистинска поддршка и одлучност,секоја жена има потенцијал да стане економски независна“ – Зухра Салиова им помага на жените Ромки да се вработат

Формалното вработување значи дека имате склучено договор за вработување со вашиот работодавач, врз основа на кој ќе можете да си ги остварите своите права, придобивки и заштита од злоупотреба, според Законот за работни односи.

Ова за некого е секојдневие, но за жал, за некого е недостижна цел за која е потребна помош и поддршка од поединци и организации. Таков е случајот кај нас со жените Ромки.

На оваа тема поразговаравме со Зухра Салиова. Таа е дел од луѓето коишто им помагаат на жените Ромки да ја променат ситуацијата во којашто се наоѓаат и да дојдат до посакуваното формално вработување.

Зухра работи како контакт лице за работа на терен со жените Ромки, во рамки на проектот „Вработена Ромка=Независна Ромка“.

Се работи за позитивна кампања за поттикнување вработувања на жени Ромки, односно едукација и поддршка за користење на активните мерки за вработување на АВРСМ. Носител на кампањата е ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, а истата е финансиски поддржана одшведската фондација  Kvinna Till Kvinna. Од 2019 година, овие кампањи обезбедуваат континуирана поддршка на жените Ромки, давајќи им можност да пристапат до формално вработување и да ги обезбедат своите права на пазарот на трудот.

„Како контакт лице за работа на терен во Виница, јас сум активно ангажирана во нудење директна поддршка на жените Ромки. Мојата улога вклучува обезбедување на ажурирани информации за мерките и можностите достапни преку АВРСМ. Им помагам да разберат како овие мерки можат да ги отворат вратите за формално вработување и да им дадат пристап до правата, придобивките и заштитата загарантирани со закон.“ – вели Салиова.

Жените Ромки обично ги идентификувам преку комбинација на постојана теренска работа и близок контакт со вработените во локалните канцеларии на АВРСМ, додава таа. Вели дека теренските посети на ромската заедница се од суштинско значење за градење доверба, па така жените дознаваат дека можам да им помогнам во процесот на формално вработување

Во моментов, за градот Виница, Зухра е единственото контакт лице за работа на терен која им помага на жените Ромки. Сепак, кампањата е активна и во други региони, со контакт лицата кои работат во Штип, Гостивар и Скопје. Секоја жена која ја има улогата на контакт лицата за работа на терен ја презема одговорноста за поддршка на жените во нивните градови, обезбедувајќи да допрат до што е можно повеќе жени.

Најчестите предизвици со кои се соочуваат Ромките вклучуваат нецелосно образование, што може сериозно да ги ограничи нивните можности за работа. Многу жени немаат можност да го завршат основното или средното образование, што го отежнува исполнувањето на основните барања за повеќето работни места или влегувањето во програми за обука. Дополнително, недостатокот на социјализација со пошироката заедница и одредени културни бариери придонесуваат за чувство на исклученост од пазарот на трудот. Овие фактори често придонесуваат кон тоа тие да се чувствуваат помалку сигурни во нивните шанси да најдат формално вработување.

Овие кампањи многу помагаат. Преку работилници, советувања и редовна поддршка, ги информираме Ромките и ја подигнуваме свеста за важноста на формалното вработување, што значи да се биде формално вработен и како тоа може да доведе до подобар квалитет на живот за нив и нивните семејства. Освен тоа што им помагаме да ги разберат придобивките, ги водиме низ чекорите што треба да ги преземат за да се квалификуваат за различни можности за вработување. Практичната поддршка од контакт лицата за работа на терен како мене помага да се урнат бариерите со кои може да се соочат жените Ромки, без разлика дали се работи за навигација низ бирократијата или зајакнување на нивната самодоверба да станат дел од работната сила.

„Бидете храбри и направете го првиот чекор. Вклучувањето во ваквите кампањи може да ви помогне да се ослободите од предрасудите и нееднаквоста. Формалното вработување не е само средство за заработка, туку начин да се промовира родовата еднаквост и да се уништат стереотипите за жените Ромки. Со вистинската поддршка и одлучност, секоја жена има потенцијал да стане економски независна и да изгради подобра иднина за себе и за своето семејство.“ – додава Салиова.

Лаура Стојанова М-Нет