Сообраќајната култура кај учесниците во сообраќајот на ниско ниво

Безбедноста во сообраќајот многу често се нарушува од страна на возачи кои управуваат возила без регистарски таблички, односно возила кои не се регистрирани. Тие претставуваат опасност за сите учесници во сообраќајот, и се дел од статистичките податоци кои го евидентираат бројот на повредени и загинати лица во сообраќајни незгоди.

Иако, според законот секое возило мора да биде регистрирано, што значи дека е технички исправно, за оние кои возат автомобили без регистрации предвидена е парична казна.

Во законот е децидно наведено, дека ниту едно возило кое што нема соодветен технички преглед, кое што нема потврда за техничка исправност не смее да учествува во сообраќајот и казната за тоа се движи 500 евра во денарска противвредност – изјави Ристо Манчев од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата.

Во однос на конкретните податоци за бројот на загинати и повредени лица, Манчев истакна дека на ниво на држава, само во текот на изминатата година 132 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди.

Сепак, иако овој број се намалува со текот на годините, сообраќајната култура е на ниско ниво.

-Ако  го имаме во предвид фактот дека бројот на возачи и бројот на возила континуирано се зголемува, можам да кажам дека безбедноста на сообраќајот на патиштата бележи одреден тренд на подобрување затоа што со текот на изминатите години, речиси секоја година имаме постепено намалување на бројот на жртви во сообраќајни незгоди. Меѓутоа, сепак можам да потенцирам дека безбедноста на сообраќајот на патиштата и културата во сообраќајот се` уште не се на потребното и на посакуваното ниво – изјави Манчев.

Токму затоа, Манчев упати апел до сите учесници во сообраќајот, особено до возачите, да бидат внимателни и одговорни и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Сообраќајните незгоди се случуваат тогаш кога најмалку се очекува, потенцираше Манчев, а последиците се фатални и ненадоместливи.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк

Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ

Монтажа ВИКТОР МИХАЈЛОВСКИ