
Отсекот за превенција и полициската станица за безбедност во патниот сообраќај при СВР Штип, во соработка со Републичкиот Совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, денес организираа превентивни активности кои се дел од кампањата „Лето 2020“.
Овие превентивни активности се реализираа со делење флаери, маски и шишиња вода на сите учесници, пешаци кои поминуваа покрај штандот лоциран во центарот на Штип, а на возачите кои беа контролирани од полициските службеници им беше доделен промотивен материјал.

Целта на оваа кампања е да се влијае кај учесниците во сообраќајот во летниот период за почитување на правилата и прописите за безбедно учество во сообраќајот.
-Вас како учесници во сообраќајот, возачи, да ве предупредиме да ги почитувате правилата и прописите, бидејќи во летно време доаѓа до брзање, одење на одмор и доаѓа до случување на сообраќајни незгоди.

Еден добар одмор кој сте го планирале, можеби со брзото возење ќе го уништите. Затоа, почитувајте ги правилата и прописите и бидете исправен учесник во сообраќајот – Се обрати кон возачите Анѓелчо Стојановски, началник на Отсек за превенција при СВР Штип.
Освен тоа, од СВР со препорака што да се преземе при патување на подолга дестинација.
–Препораката е пред тргнување на подолг пат да се провери техничката исправност на возилото, бидејќи непроверувањето, кое можеби ќе одземе пола саат, од проверката на техничката исправност на возилото, кога ќе тргнете на одмор да се случи некој несакан дефект и да си го расипете поаѓањето на летниот одмор – истакна Стојановски.

Од началникот на Отсек за превенција при СВР Штип, Анѓелчо Стојановски, МНет дознава дека летните кампањи продолжуваат и понатаму. За во недела е предвидено штандот што денес беше на градскиот плоштад да се лоцира на патот кон планината Плачковица, каде на излетниците ќе им се советува да ја заштитуваат природата.
Новата кампања, насловена како „Лето без пожари“, односно „Не уништувај ја природата таа е нашиот живот“ ќе се организира во соработка со Општина Карбинци и Шумската полиција.
БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк
Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ
Монтажа ДАРКО ДОНЕВ