Сообраќаен хаос во центарот на Кочани, кои се причините?

Сообраќајниот хаос не ја одминува ниту општината Кочани. Околу 15:00 часот сликата во градот е стрaшна, се слушаат свирежи и изнервирани возачи со цел да ги избегнат сообраќајните гужви. Граѓаните на општина Кочани се со поделено мислење во областа на сообраќајот. Според едни, се почитуваат собрќајните правила и прописи и надлежните се на терен. Додека, пак, според други, истите се прекршуваат во сите сегменти.

„Сообраќајните правила и прописи се кршат во сите сегменти: паркирање, брзо возење, престигнување на недозволено место. Сообраќајот во градот е хаос, буквален хаос.“

„Јас мислам дека се почитуваат тука и кај нас малку сообраќајот е погуст, па немаме брзо возење. Улиците ни се кратки. Има полиција постојано, секаде стојат и контролираат. И треба да ги има, да си ја вршат работата, кој направил грешка, треба да се казни.“

Екипата на М-Нет Телевизија во денешната посета на општина Кочани забележа неправилности во сообраќајот, па затоа и ги прашавме граѓаните какво решение тие би понудиле до надлежните.

„На надлежните ќе им порачам да си ја вршат својата работа.“

„Ви понудила вработените кои се надлежни за сообраќај да се на терен. На повеќе улици да одат и да контролираат како се одвива сообраќајот.“

Одговор побаравме од надлежниот инспектор во Општина Кочани, Жаклина Пауновска – Анџелковиќ. Таа е согласна дека во градот владее хаос од возила, но и нема место за паркирање на возилата.

„Ова наликува на некоков сообраќаен хаос којшто ни се случува во централното градско подрачје, а е врз основа на повеќе фактори. Деталниот урбанистички план кој се прави и променува не може секогаш да оди паралелно со она што ни се случува. Имаме голема концентрација на институции и многу возила, а паркинг простор нема. Во моментов се прават анализи и сите чинители се контактираат за да се изготви сообраќајна проектна документација која ќе помине на Совет и со која ќе добиеме проширени паркинг места, ќе направиме промена во зонските паркирања“, вели Пауновска – Анџелковиќ.

Таа додава дека возачите се несовесни и дека се прават анализи за дополнителни паркинг места. Односно се прави проектна документација за проширени паркинг места и истата треба да помине на Совет на Општина Кочани, со што ќе се намали сообраќајниот хаос.

Лаура Стојанова М-Нет