
100 дена откако поголем дел од општините од Истокот имаат нова Локална власт, 100 дена откако се презентираат проекти, активности на терен, реконструкција на улици и тротоари. Екипата на М-Нет Tелевизија го посети с. Таринци во Општина Карбинци. На терен ги прашавме жителите колку се задоволни од работата на новиот градоначалник и проектите кои се започнати или завршени во претходните 100 дена. Во целост тие истакнаа дека работата добро оди.
„Добро, досега е добро. Градоначалникот е млад, добро е, сега засега е добро. Улици прави, мостот почна да го прави.“
„98% сме задоволни од работата. Направи тротоар, во Карбинци најмногу направи.“
„Праве се по нешто, сите проекти што ги имаат направено, еден по еден ги реализираат. Добар е, добар.“
Ги прашавме и што им недостасува, односно што е она што треба да биде запишано во планот на активности на новиот градоначалник во нивното место за живеење. Жителите на село Таринци велат единствено што им недостасува е приклучокот на ХС Злетовица за да добиваат чиста вода за пиење.
„Сега засега сè си имаме, единствено водата треба да ја донесат од Злетовица, да има линии по селото, другото е се во ред.“
„Треба водата од Злетовица да се пушти за во текот на летото да имаме доволно вода.“
Инаку Општина Карбинци сè уште чека вода за пиење од Хидросистемот Злетовица исто како и Општина Штип. Изградбата на филтер станицата, пак, чека подобрување на временските услови за нејзина изградба, со што ќе се реши и овој, како што велат тие, единствен проблем на жителите во село Таринци.
Лаура Стојанова М-Нет