
Овој викенд се одиграа натпреварите од 20. коло од Втората кошаркарска лига. Лидерот Куманово лесно го доби мечот со штипски Соколи со убедливи 85:62.
Дефинитивно Куманово ќе тргне од првата стартна позиција во доигрувањето за двете места кои носат влез во Првата лига.
Во 20. коло, кумановци стигнаа до сигурен триумф во дуелот со штипски Соколи, и на две кола пред крајот на регуларната фаза, имаат недостижни три поени во однос на двата главни конкуренти, екипите на Шкупи и Маџари.
На дуелот против штипјани капитенот на Куманово, Јанески реализираше 22. поени, Јовановиќ имаше 11, Стојановски 10. поени, додека кај гостите од Штип, Јовев имаше 12. реализации, а Костадинов, Митков и Митев по 11. поени.
Екипата на Маџари запиша многу важна победа во обидите да биде што подобро пласирана во регуларниот дел од второлигашката сезона, откако славеше над Борец Баскет со 64:87, Шкупи лесно го доби „фенерџијата“ Тетекс ТТК со 62:83 за задржување на втората позиција на табелата во пресрет на последните две кола.
Водно Санс го доби дуелот со Мега Баскет со 85:69, Работнички 2018 загуби од МЗТ Скопје Уни Банка со резултат од 72:79, а пак екипата на Ангели беше слободна.
Во однос на табелата МКК Куманово е лидер со 36 бодови, Шкупи е втор со 33 бодови, колку што има и Маџари кој е трет. На 4. место е Ангели со 30 бодови, колку што има и МЗТ Скопје кој е место подолу на табелата. На 6. место е Соколи од Штип со 25 бодови, колку што има и Борец Баскет и Водно Санс кој е осми. На деветтото место е Мега Баскет со 23 бодови, Работнички 2018 е претпоследен со 21 бод, а на дното е Тетекс ТТК со 19 бодови.
Александар Ванев, М-Нет