Собраните средства од хуманитарниот меч Слога Виница ќе ги донира за малиот Јаков!

Вчера на Градскиот стадион во Виница се одигра пријателски натпревар меѓу третолигашот Слога и вториот тим на Беласица кој имаше хуманитарен карактер.

Резултатот не беше во преден план, победија сите оние кои беа инволвирани во овој настап за малиот Јаков.

Сите собрани средства Слога Виница ќе ги донира за малиот Јаков Ампов од село Трстија, виничко.

„Со гордост можеме да кажеме дека Виница е еден од најхуманите градови во државата.
На пријателски хуманитарен натпревар со екипата на ФК Беласица (Б-тим) кој беше посветен за малиот Јаков Ампов од с.Трстија, виничката публика како и присутната публиката од околните градови и села го положија испитот кога станува збор за ХУМАНОСТ. Затоа сакаме да упатиме ЈАВНА БЛАГОДАРНОСТ до сите денес присутни на трибината, до екипата на ФК Беласица и нивниот стручен тим, Пица Домина од Виница, волонтерите од Црвен Крст Виница, ОФС Кочани, Судиски Актив при ОФС Кочани, и неколку анонимни сограѓани кои што сите денес беа несебични и донираа одредени финансии средства а кои денес ќе бидат предадени на семејството на малиот Јаков за негово што поскоро опоравување и лекување. Денес на теренот не победи подобриот и резултатот не беше во преден план, денес победија сите оние кои беа инволвирани во овој настан за малиот Јаков“, се вели во соопштението од ФК Слога 1934 Виница.

Во пролетната полусезона во Третата македонска фудбалска лига – Исток екипата на Слога предводена од Крсте Крстев ќе се обиде да го освои првото место кое води во баражот за Втора лига.

Александар Ванев, М-Нет