
Третолигашите на Истокот заминаа на зимска пауза, откако вчера беа одиграни натпреварите од последното 9. коло. Есенски шампион е екипата на Слога Виница, која со 2:1 славеше над второпласираниот Овче Поле во дербито на колото.
Масовна посетеност на стадионот во Делчево каде имаше околу 1.500 публика на пијанечко-малешевското дерби кое заврши со триумф на Малеш од 0:1 над Брегалница Делчево. Одлична навивачка атмосферата, возбуда и страст од трибините и на теренот.
Потврда дека овој регион живее за фудбалот и го сака фудбалот, ваквите спортски настани се вистински празник за двата града.
Тиверија доживеа нов тежок пораз од Хоризонт Турново во струмичкото дербито каде резултатот беше 0:4 со што Тиверија ќе презими на дното од табелата.
Светлост го доби локалното дерби против Карбинци во Зрновци со резултат од 2:1, со што домашниот тим се радуваше на втората сезонска победа, а пак Карбинци запиша четврти пораз.
Ударник преку пресврт дојде до втора радост откако во регионалното дерби на Југот славеше над Дојранско Езеро со 3:1.
Во однос на табелата Слога Виница е прва со 24 бодови, Овче Поле е втор со 17 бодови, Хоризонт Туронво е трет со 15 бодови, Брегалница Делчево сега е на 4. место со 14 бодови. Малеш се проби до петтото место со 13 бодови, Дојранско Езеро е шестти со 12 бодови, а пак Карбинци ќе презими на седмото место со 11 бодови.
На осмото место е Светлост од Зрновци со осум бодови, Ударник е претпоследен со седум бодови, а зимската пауза на дното ќе ја помине струмичка Тиверија со шест бодови.
Со натпреварите од 10. коло ќе започне пролетниот дел од сезоната во средината од месец март следната 2025 година.
Александар Ванев, М-Нет