Следните три кола се клучни во трката за директен опстанок во Втора лига – важни натпревари за Осогово, Вардар Неготино, Новаци и Победа!

Уште осум кола до крајот од Втората македонска фудбалска лига, а во игра се уште 24 бодови што ќе понуди неизвесност кога е во прашање директниот опстанок.

Вардарски со осум, а Борец со десет бодови е во зоната за директно испаѓање и овие две екипи се први кандидати за испаѓање во Трета лига. Осогово е во бараж зоната со 17 бодови, а „жетварите“ сакаат директен опстанок бидејќи имаат само четири бодови од зоната за директен опстанок каде што е Вардар Неготино, а пак Новаци и Победа го делат 11-тото место со по 23 бодови.

Овие екипи ќе ја водат борбата за директен опстанок, една екипа ќе извиси и ќе мора да игра бараж, но оваа година баражите ќе бидат многу потешки во однос на ланската сезона бидејќи има многу квалитетни третолигаши.

Осогово оди одново на тешко гостување против Арсими во меч каде трите бодови се од капитална важност и за едните и за другите. Тимот од Кочани ќе бара три бодови за опстанок, а пак тимот од Чергране сака три бодови за Прва лига.

Директен дерби дуел од долниот дел на табелата на Победа и Вардар Неготино, меч кој може да даде јасна слика кога е во прашање директниот опстанок. Триумф за Победа ќе значи речиси сигурен опстанок, а од друга страна триумф му е потребен и на Вардар Неготино.

Новаци ќе има тешко гостување во Куманово кај фаворитот Башкими, што за тимот на Дарко Крстески и бод ќе биде позитивен исход.

Во следните три кола Осогово ќе игра против Арсими во гости, дома против Беласица и во гости кај Охрид. Екипата на Вардар Неготино во следните три кола игра во гости кај Победа, дома против Брегалница, а во гости со Новаци. Тимот на Горан Тодорчев игра два клучни натпревари против Победа и Новаци.

Екипата на Новаци во следните три коал игра против Башкими, против Победа и против Вардар Неготино, а пак Победа игра против Вардар Неготино, во гости кај Новаци и против Саса дома.

Токму ваквиот распоред во следните три кола ќе биде клучен за сите екипи кои се борат за директен опстанок и може на неколку кола до крајот да биде решена ситуацијата, кои две екипи испаѓаат, а која екипа ќе игра бараж за опстанок.

Александар Ванев, М-Нет