
Утре на програмата се натпреварите од 3. коло од Првата македонска фудбалска лига, а третата рунда ни носи нов натпревар во вечерен термин.
Во Струмица од 20 часот соочување на Брера Струмица и Шкендија во меч каде струмичани ќе треба да ја поправа лошата игра од големиот пораз во Кратово од Силекс од 4:0, а пак Шкендија во Струмица доаѓа по целиот „плен“.
Новајлијата Беса против освојувачот на Купот на Македонија, екипата на Тиквеш ќе ги бара првите дебитантски бодови во Првата лига, откако стартуваше со два порази.
Пелистер на домашен терен ќе се соочи со Силекс, во меч каде Силекс во Битола доаѓа максимално мотивиран за нова победа, по онаа големата над Брера, а пак Пелистер по поразот во „вечното дерби“ од Вардар во Скопје ќе атакува на прва победа како повратник во елитата.
Скопската пресметка и дербито на колото се игра на Чаир каде Шкупи ќе го пречека Вардар. Двете екипи направија промени на тренерските позиции, но Шкупи не тргна според очекуваното, а дербито во Чаир ќе биде вистински тест и за двете екипи во најавата за нивните амбиции.
Воска Спорт на домашен терен ќе го пречека тимот на Гостивар, во меч каде за Воска предност ќе биде домашниот терен со цел да се совлада залетаниот Гостивар, кој пак во Охрид доаѓа по трите бодови.
Работнички на домашен терен ќе се соочи со актуелниот шампион Струга. „Романтичарите“ тргнаа со победа и реми, а стружани со две победи.
Сите натпревари стартуваат во 16 часот, освен мечот во Струмица кој се игра во вечерен термин од 20 часот.
Александар Ванев, М-Нет