Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамките на работната посета на Брисел, оствари средба со Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Сиљановска-Давкова ја реафирмираше посветеноста на македонската држава на НАТО и колективната одбрана, посочувајќи дека сојузничкото единство и силната трансатлантска врска се темелни предуслови за безбедноста на сојузниците.
Таа ја потврди определбата за достигнување на целта за издвојувањето, согласно Хашкиот план, нагласувајќи дека континуирано вложуваме во модернизацијата на Армијата, сајбер-отпорноста, новите технологии и заштитата на критичната инфраструктура.
За неа, Коридорите 8 и 10 не се само инфраструктурни проекти, туку стратешки правци што ја поврзуваат регионалната соработка со безбедносните интереси на НАТО и Европската Унија, особено во контекст на воената мобилност.
Сиљановска-Давкова изрази задоволство од сертификацијата на Лесната пешадиска баталјонска група како борбено подготвена, оценувајќи го тоа како потврда за професионалноста и способноста на Армијата да придонесува во операциите предводени од НАТО, ЕУ и ОН.
Повикувајќи се на искуството од членството во НАТО, таа укажа дека исполнувањето на високите сојузнички стандарди треба да биде пример за доследна примена на Копенхашките критериуми во процесот на европска интеграција.
Претседателката ја реафирмираше поддршката за Украина и потребата од континуирана политичка, воена, финансиска и хуманитарна помош, во знак на сојузничка солидарност.
Според неа, сеопфатниот, праведен и траен мир мора да почива врз меѓународното право и Повелбата на Обединетите Нации, а доследноста во почитувањето на овие принципи е неразделна од почитувањето на меѓународниот поредок.
Текстот Сиљановска-Давкова пред Руте: Коридорите 8 и 10 се стратешки правци за воената мобилност на НАТО е превземен од МАКФАКС.