
Фудбалерот на есенскиот шампион Македонија ЃП, Симеон Христов, 2024 година ја заврши како најдобар стрелец во Втората лига со 15 постигнати погодоци.
Искусниот фудбалер има одлична есенска полусезона зад себе и доминираше на сите 15 натпревари оваа есен. Христов во Македонија ЃП пристигна од Пелистер и е главна алка во тимот на патот кон обезбедување на шампионската титула во Втората лига и за експресно враќање во Прва лига.
По десет гола оваа есен постигнаа Андреј Симевски од Каменица Саса и Никола Талески од Победа, а пак Аљбин Рамадани фудбалерот на Арсими постигна девет гола во есенскиот дел.
По седум гола постигнаа Дарко Гроздановски од Кожуф, Хусеин Демири од Башкими, Шефит Шефити од Арсими, а пак по шест гола имаат Сашо Дуков од Охрид, Димче Јовов од Беласица и Меметриза Хамза од Башкими, кој ќе остане на овие шест гола бидејќи како што веќе информираше М Нет телевизија 20-годишниот играч ќе настапува за шампионот Струга Трим Лум.
По пет гола постигнаа Илија Баламов од Вардарски, Тони Мичковски од Каменица Саса, Иван Настески од Детонит Плачковица, со тоа што сега веќе поранешниот капитен на радовишкиот тим станува на овие пет гола бидејќи премина во редовите на третолигашот Слога Виница, а пет гола има и Кирил Неделков од Вардар Неготино.
Пролетниот дел од Втора лига започнува на 15. февруари со натпреварите од 16. коло.
Александар Ванев, М-Нет