Силекс никако да победи, Башкими направи изненадувања, Брегалница на своето конто има десет бода, густо при врвот од табелата

Деветтото коло донесе изненадувања, но и мали промени на табелата, околу врвот во Првата македонска фудбалска лига станува навистина густо, што ветува неизвесна трка за титулата и местата кои водат кон Европа.

Брегалница претрпе тежок пораз откако загуби во Кавадарци со 3:0 од Тиквеш, на овој начин кавадарчани котираат високо на табелата во борбата за излез во Европа, а на четири бодови од врвот од табелата.

Ако „сините“ загубија убедливо, Башкими, пак, направи големо изненадување и на домашен терен со 2:1 ја совлада Струга Трим Лум, од овој триумф на Башкими најмногу добија две екипи. Шкендија која останува на врвот од табелата, но и Вардар кој се израмни со Струга Трим Лум на второто место со по 17 бодови.

За Башкими ова беше втора сезонска радост, а новиот стратег Муарем Муарем дебитираше со триумф на клупата на кумановскиот прволигаш, три важни бодови во битката за опстанок.

Шкендија Арачиново ремизираше со тетовска Шкендија 1:1 со што дебитантот дојде до значаен бод, а од друга страна вицешампионот стекнатата бодовна предност почнува да ја губи и конкурентите веќе го стигаат.

Силекс е во резултатска криза со трето реми во низа и без триумф во последните пет меча, а на кои има и два порази. Тимот од Кратово ремизираше со Арсими во гости 1:1 и натаму се мачи да ја пронајде победничката форма од минатата сезона и да започне да прогреси кон горниот дел од табелата во борба за позициите кои водат кон Европа. Арсими, исто така е во резултатска криза без победа од последните пет средби.

Вардар го доби Скопје во Автокоманда преку пресврт со 1:2 со што штипскиот тренер Иван Варадиновски дебитираше со пораз на клупата на Скопје. Горан Закариќ беше човек на одлука кој со два гола обезбеди три бода за шампионот.

На табелата нема значајни промени, но бодовна екипите се блиску една во однос на друга, само четири бодови е разликата од првото до четвртото место, а само три од срединиот дел до опасната зона, Скопје е најмногу загрозен.

На првото место е Шкендија која има 20 бодови и натаму го држи врвот, Струга Трим Лум и Вардар го делат второто место со по 17 бодови, додека пак Тиквеш е четврти со 16 бодови. Арачиновска Шкендија има 14 бодови и е позиционирана на петтото место.

Со по десет бодови Силекс и Брегалница го делат шестото место, додека пак Арсими со еден бод помалку е на осмото место односно во бараж зоната. Во опасната зона останува Башкими како претпоследен со седум бодови, три помалку од зоната опстанок, а пак на дното е Скопје со три бодови.

Александар Ванев, М-Нет