Се уште нема официјални пријави за штети во Кочани, по поплавите во село Грдовци

Сѐ уште нема ниту една официјална пријава за штети од поплавите во село Грдовци. Жителите кои изминатиот период претрпеа штети во своите дворови, посеви и штали може да пријават до 23 јануари годинава, при што на терен ќе излезе комисија за проценка на штети формирана од страна на Општина Кочани. На тој начин ќе се констатира штетата, а граѓаните ќе бидат обештетени од поплави од излевањето на река Масалница.

„До овој момент нема ниту една официјална пријава за штети. Јас се надевам и дека штетите не се многу големи бидејќи стварно работевме на терен пред да се случи поплавата.“ – вели Грозданов.

Во меѓувреме на големо се работи на расчистување на речното корито на Оризарска река, со цел ваквите поплави да бидат минато. Како што посочи градоначалникот Грозданов, се работи на критичните точки, а така ќе се продолжи и во иднина. Со механизација и работна рака од КЈП Водовод Кочани, но и АД Водостопанство Брегалница Кочани се санира коритото, со цел при обилни врнежи од дожд да не дојде до излевање на река Масалница.

„Речното корито не е било поубаво од досега што постои. Санирани се критичните точки, продолжуваме со чистење на потегот од Оризари до Прибачево“ – додава Грозданов.

Последните врнежи од дожд ги наполнија дворовите и подрумите на жителите од село Грдовци, кога се излеа Оризарска река. Под вода беа и дел од животните, складираниот ориз и разна зимница.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет