Се рехабилитира регионалниот пат од Штип до Карбинци во должина од 3,4 километри

Во тек е рехабилитацијата на регионалниот пат 24- 34, делницата која ги поврзува општините Штип и Карбинци. Станува збор за проект кој е поддржан од страна на Јавното претпријатие за државни патишта. Патот ќе биде рехабилитиран се до Караорман, а ќе се постават и банкини со што ќе се добие проширување на патот. На овој начин се работи на подобрување на инфрастурктурата и поврзување на двете општини, а побезбеден ќе биде сообраќајот за сите кои го користат овој пат.

„Овој патен правец беше доста амортизиран, уништен. Јас се надевам дека и во иднина ќе продолжиме со соработката и со реализација на проекти во интерес на граѓаните. Оние точки кои се најповеќе ограничени ќе бидат проширени со банкини кои ќе овозможат доволно проширување на самата траса. Се планира во иднина правецот кон Општина Карбинци, онаму каде е најтесно грло со соодветен проект да добие проширување“ – вели Јорданов.

Работата на терен ја изведува јавното претпријатие Македонија пат. Ќе се рехабилитираат 3,4 километри од овој регионален пат. Вредноста, согласно програмата за одржување на државни патишта е околу 30 милиони денари, пари издвоени од ЈПДП.

„Овој пат треба да биде од влезот на Штип па се до Караорман. Сега правиме само рехабилитација. Кога ќе заврши рехабилитацијата ќе ги направиме и банкините што ќе овозможи побезбеден сообраќај. Со тоа се обезбедува развојот на општините и поврзувањето на градовите. “ – вели Трајановски.

Во меѓувреме Трајановски посочи дека во наредниот период ќе продолжат со рехабилитација на улици и патишта и во ноќни и зимски услови. Тоа значи дека и на ниски температури ќе се продолжи со асфалтирање, единствен услов е да нема врнежи од дожд и снег. На овој начин ќе се работи по примерот на Европските земји, односно активвности на терен ќе има и во декември и во јануари.

Лаура Стојанова М-Нет