Се растура винаријата во Лозово – жителите револтирани, велат се брише историјата на општината

Гнев, револт и тага кај жителите на Општина Лозово, поради како што тврдат тие уништувањето на винаријата, по која со години е препознатлива општината. Велат, пред нивни очи се сече и се растура се она што со години го граделе и од што ги хранеле семејствата. Можејки овде да го продаваат грозјето, сега велат дека се молам по останати винарии само за да се откупи истото. Некои од нив од оваа винарија заработиле пензија, други одработиле половина од тоа, а денес со тага сите гледаат како се уништува она во кое вложиле години труд.

,,Јас 40 години таму работив, јас работив. Имам и полиси што сум плаќал, ама кој те верува. Jас пензија земав од тука, од 1971 година е ова тука. Лозарство постана, па визба се направи, па сите работници дававме пари за таа визба. Сега да дојде некој да си однесе, да избута, зошто, нели е греота, нашето грозје да го носиме во Штип.“, истакнаа жителите

,,Тоа е промашок на државата, оти јас 10 години работи таму. Не е убаво што ги сечат цистерните, тоа да се бута таму. Железото ќе си оди на претпување не знам каде во Грчка ли . Тоа е се инокс не е железо. Они си го сечат, товар, а кај го носат никој не знае. Oд 1979 е пуштено винаријата во производство. Ние ја направивме работниците. Се имаше по 21 милион литри собираше вино. Винаријата функционираше до пред две години. Сечат си гледам, играат си, земале ласери. Ги прашав тие дечките, тие велат нас некој не пратил да работиме за пари.“, велат жителите

,,Златна визба, втора во Македонија, се исекоа, разнесоа, кој тоа дозволи. Овоа не треба да се продава. Има и други визби што не работат моментално, ама тие визби си стоат не ги растурат, а тука ги сечат плеховите и ги носат некаде. Кој го тоа дозволува, каква е оваа држава на мене не ми е јасно. Како може да се дозволи таква визба да се уништи. И да го купил некој приватно, не треба да се уништи. Кај ќе го носиме ние грозјето сега?

Народ плаче, не можат да го продадат остана на нивите грозјето.“, додаваа жителите

Жителите велат дека ако ситуацијата продолжи вака, нема да згасне само винаријата, туку и лозарството во Лозово. Годинава, тврдат, половина од грозјето им скапало по нивите бидејќи немале каде да го продадат, а ако работела винаријата, ќе имале каде да го предадат родот.

Во врска со случувањата, градоначалникот на Општина Лозово Бошко Цветковски информираше дека остварил телефонски разговор со сопственикот, кој ја потврдил информацијата за отстранување на силосите и расчистување на просторот на винаријата.

Во разговорот сопственикот посочил дека, од аспект на неговото долгогодишно искуство во оваа дејност и сопственоста на неколку винарии, постојната технологија е застарена и не ги исполнува современите стандарди. Според неговата проценка, дејноста со производство и продажба на наливно вино веќе нема економска перспектива.

Истакнал дека се работи на промена на дејноста на постојната фабрика, со цел просторот да се искористи за нов производствен погон за изработка на монтажни куќи, кои би се нуделе по цени достапни за стандардот на нашите граѓани.

Иван Митев, М-Нет