
Православните христијани денеска го одбележуваат третиот ден од Велигден – празник познат како Светол вторник.
Овој ден е дел од Светлата седмица, период исполнет со радост и духовна светлина, кој следува по Христовото воскресение – најголемиот христијански празник. Воскресението претставува темел на верата и силна порака за победата на животот над смртта, како и надеж за нов почеток и вечен живот.
Светол вторник се одбележува во духот на празничната радост, мир и благодарност, а верниците овие денови ги поминуваат во молитва, заедништво и споделување на велигденската порака – „Христос воскресе“, ,,Навистина Воскресе“
На оваа светла седмица, започнуваат и поголемите празници, како Балаклија петок, Томина недела, Гурговден, Спасовен Св Тројца и таака натаму.
Христовото воскресение е потврда на сите негови зборови и ветувања. Како што вели апостол Павле – ако Христос не воскреснеше, залудна ќе беше верата и надежта на луѓето. Но, токму воскресението ја отвора вратата кон една нова реалност – живот над смртта.
Утрото на третиот ден, по распнувањето, жените мироносици го нашле празниот гроб и ја примиле радосната вест од ангелот – Христос воскресе! Таа вест до денес ја објавува Црквата како најголема радост за човештвото.
Во народната традиција, овој ден се смета за особено среќен:
Се верува дека е најдобриот вторник во годината
Се одржуваат свадби и веселби
Се смета дека децата родени на овој ден ќе бидат среќни и долговечни
Светол вторник е ден исполнет со благодат, радост и надеж за сите верници.
Иван Митев, М-Нет