
Православната црква денес си споменува за св. Јован Крстител, односно одредила празник Отсекување на главата на Св. Јован Крстител. Ова име го носи и мала црква, односно параклис помеѓу населбите Пребег и Железничка. Иако за параклисот се знае дека е многу стар, можеби, од седумдесетите години на минатиот век, сепак е за многумина непознат верски објект. Свештениците велат дека народот повеќе го посетува навечер, односно вечерта пред празникот св. Јован Крстител. Така било и оваа година, но неколкумина затекнавме и утринава. Велат, дека за црквата знаат подолго време, а ја посетуваат кога можат. За празникот си посакаа здравје, мир и многу радост.
Јован постојано ги проповедал позитивните животни принципи и жестоко го критикувал неморалот, лагите и развратот, кои во тоа време во Римското Царство го достигнале својот врв. Посебно на удар на неговите критики бил управникот на Галилеја Ирод Антипа. Ирод Антипа бил оженет со ќерката на еден арапски кнез по име Арета. Но тој, ја истерал својата законита жена и се оженил со својата снаа Иродијада, жената на својот брат Филип кој бил жив. Иродијада со себе ја довела и својата ќерка од првиот брак Саломија. Јован за тоа жестоко го критикувал. На една прослава ќерката на Иродијада со својата игра толку го занесла Ирода што тој и ветил дека во тој момент ќе и исполни секаква желба, ќе и даде сè што ќе посака дури и да се работи за половината од царството. Саломија не знаела што да посака па отишла да се посоветува со својата мајка. Пакосната мајка што долго го чекала овој час веднаш и рекла да ја побара главата на Јован. Кога Саломија тоа му го соопштила на Ирода тој се изненадил, но ветувањето дадено пред многу народ го обврзувало и морал да го исполни. За кусо време девојката ја имала на послужавник глава на Свети Јован која ја предала на својата мајка.
На празникот Отсекување на главата на св. Јован Крстител Црквата пропишува строг пост, односно воздржување од месо, млечни производи и риба. Уставот кажува дека постот на овој празник е востановен веројатно истовремено со празникот, и дека тој е „завештание од древните свети отци“.
Ребека Спасова М-Нет