
Мисионери на христијанството, апостоли на Словените. Кирил и Методиј се едни од личностите кои ги поврзуваат верата и словенската писменост и книжевност. Двајцата браќа во Црквата ја добиле титулата „Еднакви со апостолите“, бидејќи се значајни за проповедањето на Словото и спасението.
„Словените, народ посебен, не знаејќи за Божјата милост, за Божјата љубов, за вистинскиот живот, побарале од византискиот цар Михаил да им испрати просветени и просветлени луѓе за да можат да им го проповедаат Евангелието и спасението на словенските народи. Иако во својата мисија имале многу пречки, сепак Божјата милост која сите нѐ опсипува не дозволила да бидат искушани и победени. Но Божјата промисла се пројавила над нив, та до ден денес го имаме сознанието за вистината Христова, за спасението“, објаснува Добрица Јанев.
Токму со преводите на првите црковни книги ја воспоставиле литературата, а со составувањето на азбуката придонеле за описменувањето на народот. Нивното монументално дело се покажува пред сѐ во мисиите, преку кои ја добиваат титулата „основоположници на словенската литература и писменост“.
„Заедно учествувале на повеќе мисии, од кои најпознати се Хазарската, Моравската и Сараценската мисија. Првите две имале државно – верски карактер, додека третата била просветителска. Тие создале нова азбука којашто била наречена глаголица и којашто била прилагодена на старословенската фонетика. Константин ја составил првата словенска азбука наречена глаголица, којашто содржела 28 букви. Со помош на оваа азбука превеле делови од Библијата коишто биле преведувани на старословенски од црковните литургии во Моравија“, објаснува проф. Наташа Митев.
На овој начин успеале да просветлат голем број ученици, со што најдобрите го возобновиле делото по смртта на браќата. Со мисионерскиот метод од учителите, ја објавиле Божјата вистина и останале жив пример за мисионерството.
„Делото го продолжуваат преку нивните ученици Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј, па можеме и ден денес да го имаме спознавањето на вистината и, Фала му на Бога, да живееме во светлина, а не во мрак“, додава Јанев
Колку е важна и суштинска мисијата на светите браќа Кирил и Методиј говори фактот што денес тие се патрони на Европа – признание дадено со цел да се потенцира нивното значење за единството на европските народи. И понатаму остануваат да бидат никулец, не само на верата и книжевноста, туку и на сплотеноста на народот.
Ребека Спасова М-Нет