Се повеќе пропаѓа пазарот во Облешево, купувачите се бројат на рака, тезгите полупразни

Се повеќе пропаѓа пазарот во село Облешево. Продавачите од Облешево и околните села велат купувачите може да се избројат на рака. Зелката најбарана на овој пазар, цените ниски и достапни за сечии џеб, ама проблем е што веќе нема кој да купува. Затоа се носи по малку производство, а на пазар се само повозрасните.

„Ние сме од село Тркање, производители на земјоделски култури, зелка, пипер. Денеска пазарот слабо, веќе луѓето иселени и тоа е најголемиот проблем. Цените се движат од 30 денари за зелката, пиперот 50 денари.“ – велат продавачите.

Некогаш река од народ, полни тезги, денеска пазар кој едвај опстојува. Продавачите согласни дека за неколку години истиот нема ни да постои. Во близина беше и сточниот пазар, денеска остана само празен простор, и место за паркирање.

Дел од малкумината купувачи кои беа на пазар во Облешево велат цените се високи ама мора да се купува храна, и добро е додека има кој да работи, произведува и продава.

Освен зелката, се продаваше и пипер, сезонско овошје, тиква, како и парчиња текстил и предмети за домаќинство.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет