
Започнаа активностите за промена на колекторската цевка во штипско Ново Село, која претставуваше долгогодишен проблем и предизвикуваше непријатна миризба за тамошните жители. Увид на активностите изврши и градоначалникот, Иван Јорданов.
„Од денес започнуваат активностите за промена на главната колекторска цевка којашто се протегаше на мостот во Ново Село, на локацијата каде што се фрла Светиот крст во водите на река Брегалница. Еве, пред Водици, по долгогодишно барање на жителите на Ново Село, долгогодишен проблем, конечно, се решава. Очекувам во наредните денови да се изврши замена на главната колекторска цевка и со тоа да се реши долгогодишниот проблем“, вели Јорданов.
Јорданов посочи оти овој период е најдобар за решавање на проблемот, зашто на празникот Водици токму на ова место се фрла крстот во река Брегалница. Вели дека до празникот активностите ќе бидат завршени.
„Да, очекувам до крајот на оваа недела да се изврши промената на главната колекторска цевка и да се реши долгогодишниот проблем“, додаде Јорданов.
Инвестицијата за решавање на овој долгогодишен проблем на жителите од штипско Ново Село е околу два милиони денари.
Ребека Спасова М-Нет