Сеча на дрва во штипската населба Три чешми, надлежните велат – санитарна е и легална

Исечени дрва над штипската приградска населба Три чешми ги загрижуваат граѓаните од населбата. Регираат, велејќи дека дрвата се сечат, ридот останува празен, а со тоа се уништува и животната средина. Друг дел од граѓаните, пак, велат дека станува збор за болни дрва кои треба да бидат исечени. За случајот прашавме во Општина Штип. Комуналниот инспектор Борче Везенков, кој беше на терен истакна дека станува збор за легална сеча на дрва која е под надлежност на Национални шуми. Од таму потврдуваат дека сеча има и дека е легално. Се работи на санитарна сеча за отстранување на болните дрва во штипскиот и плачковички регион. Санитарната сеча е активност која опфаќа отстранување на оштетените, заболените и сувите стебла со цел да се спречи понатамошното ширење на штетното влијание. Активностите се по наредба на инспектор, а во соработка со ЈП Национални шуми и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Ребека Спасова М-Нет