
Песните „Рај“ на Благица Ѕунзуровска – Блеа, „Можам“ на Марија Атанасова и „Салса“ на Боно и Кристина Димитри се првите три коишто ги освоија симпатиите на жири комисијата на „Макфест“. Потоа следат „Омилен“ на Марија Спасовска, „После нас“ на Александар и Балкан Бенд, како и „Con el diablo“ на Мелани Тарчуловска. Овие шест композиции ќе се изведат и вечерва на макфестовската сцена како дел од втората вечер на Фестивалот заедно со уште 12 нови композиции. Вчеравечер, пак, честа да го отвори 37. издание ја имаше Марија Атанасова, која пред камерите на М-Нет Телевизија ги истакна импресиите од настапот.
„Секогаш си велам дека можам. Чувството е прекрасно, мислев дека ќе имам многу трема, но немав и се чувствувам прекрасно. Очекувам дека песната ќе биде слушана и дека ќе ѝ се допадне на публиката“, истакна Атанасова.
Благица Ѕунзуровска, која вчеравечер застанаа на макфестовската сцена, не е првпат дел од некој фестивал, меѓутоа споредувајќи со другите фестивали, кај „Макфест“ ја издвојува големата дружба.
„Преубаво, како првпат на ова шоу сум презадоволна, пресреќна и премотивирана за понатаму. Секој фестивал си има своја тежина, но јас сум пресреќна што сум овде и сфатив дека муабетите за големата дружба на „Макфест“ всушност биле вистинити“, вели Ѕунзуровска.

Кристина Димитри, пак, која песната „Салса“ ја изведе заедно со Боно, „Макфест“ го коментира како традиционален фестивал кој на многумина им бил само предност во нивната кариера. Задоволна од настапот, најавува уште многу проекти.
„Искрено, „Макфест“ е традиционален фестивал на којшто учествувале сите ѕвезди во Македонија, па дури и пошироко и е престиж да си тука. Секако дека е една голема предност во мојата кариера“, истакна Димитри.
Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“ продолжува и вечерва во Домот на ку.лтура „Ацо Шопов“ во Штип. На втората вечер од 37. издание публиката ќе ужива во вкупно 18 композии. Годинава Фестивалот ги нема традиционалните специјални награди, туку е од ревијален карактер со цел промоција на добра музика за сечиј вкус.
Ребека Спасова М-Нет