
Родителите на починатите деца од дискотеката Пулс во Кочани, преу писмено соопштение истакнаа дека премиерот Мицкоски на средбата од 7 јули им кажал да си одрдат цена за нивните починати деца. Револтирани напишаа дека биле длабоко понижени и навредени, додавајќи дека до крај ќе се борат за нивните како што велат убиени деца.
„Премиерот започна да го чита барањето ( кое целосно може да го прочитате во прилог) и изјави дека ќе се задржи само на петте точки, без да ги разгледува воведните делови и правните објаснувања. На првата точка – која се однесуваше на:
“Еднократна парична помош за секое семејство погодено од трагедијата, за душевна болка и нематеријална штета, преку Фондот за итна поддршка од државниот буџет…”
… добивме одговор кој не само што нè понижи, туку длабоко нè навреди како родители и како луѓе:
„Ова барање е исто како предлогот на СДСМ, само што вие немате ставено цена. Одредете си цена за вашите деца.“ Тоа беше моментот кога болката премина во чиста неправда. Овие зборови ќе одекнуваат засекогаш во нашите срца, како уште една смрт – смрт на достоинството. Јавен повик до премиерот и целата јавност: Доста е!“ – стои во соопштението од родителите.
Од Влада пак денесека соопштија дека ова не е точно и дека во моментот се прави злонамерно дефокусирање и злоупотреба на трагичната судбина.
„Владата жали за впечатокот кој некои го добиле, но тие средби досега не се ни први, а ни последни и апелираме да не се прави сензација од средба наменета за поддршка и сочувство. Тоа беше втора средба со семејствата и ние би потсетиле дека премиерот за време на средбата од почетокот и до крајот разговараше и се поздрави изразувајќи сочувство со сите присутни поединечно и низа други гестови и иницијативи и работи кои од етички и човечки причини навистина не сакаме да бидат предмет на јавна дискусија затоа што се интимни и длабоко приватни и ние тоа сакаме да го почитуваме.
Сведување на дискусијата на „здраво како сте“ и „колку чини“ не само што не ја одразува вистинската дискусија и намера, туку е навредливо и се обидува да фрли сосема погрешно светло на намерите и постапките на Владата, определувајќи ги како длабоко нечовечни што е несоодветно и неточно.“ – стои во соопштението од Влада.
Од таму упатија апел да не се злоупотребуваат овие настани и моменти, да не се суди врз база на гнев и тенденција, додавајќи дека владата секогаш ќе биде тука за семејствата и колку што може – максимално ќе им помага во барањата кои се рационални и врз основа на закон и ингеренции.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет