Селекторот Благој Милевски го објави списокот со повикани фудбалери за дуелите со Белгија и Казахстан со мали измени

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, го објави списокот со повикани фудбалери за квалификациските натпревари со Белгија во гостин и со Казахстан на домашен терен за пласман на Светското првенство кое ќе се одржи следната 2026 година во САД, Канада и Мексико.

Македонија на 10 октомври ќе игра со Белгија во Гент, а на 13 октомври во Скопје ќе гостува Казахстан.

Повратници на списокот на Милевски се Давид Бабунски од Вардар и Стефан Ашковски од Раднички Ниш, а пак отпаднаа Лирим Ќамили кој е повредн и Димитар Митровски.

„Што се однесува до списокот тоа е идентичен како на последниот собир освен Лирим Ќамили кој поради повреда нема да биде со нас. Имаме двајца повратници во името на Ашковски и Давид Бабунски, останатите се сите исти од претходниот собир, се надевам дека сите ќе бидат здрави пред се и спремни да се стават на располагање и во функција на тимот“, вели селекторот Благоја Милевски.

Повикани голмани се Столе Димитриевски, Дејан Илиев, Дамјан Шишковски и Игор Алексовски. Во одбраната ќе бидат Висар Муслиу, Никола Серафимов, Езѓан Алиоски, Ѓоко Зајков, Андреј Стојчевски, Стефан Деспотовски, Бојан Илиевски, Дарко Велковски и Стефан Ашковски.

Во средниот ред на располагање ќе бидарт Енис Барди, Јани Атанасов, Елиф Елмас, Исник Алими, Лука Станковски, Тихомир Костадинов и Решат Рамадани.

Во нападот се Бојан Миовски, Милан Ристовски, Дарко Чурлинов, Александар Трајковски, Давид Бабунски и Елмин Растодер.

Македонија досега забележа три победи и две ремија и со 11 бодови е лидер на табелата во нашата група. Квалификациите Македонија ги започна со победа над Лихтенштајн во гости со 0:3, против Велс и Белгија на домашен терен Македонија ремизираше играјќи 1:1 и испушти големи бодови, минимална победа на далечното гостување во Астана од 0:1 над Казахстан, а пак во Скопје со 5:0 го декласиравме Лихтенштајн. Во септемврискиот циклус Македонија одигра и еден пријателски меч со Саудиска Арабија кој го загуби со 2:1.

„Сите пет одиграни натпревари до сега беа главни битки, ни останаа уште три натпревари кои мораме да ги одиграме до крај, секој меч си е посебен за себе и овој натпревар против Белгија што ни следи и е ист како и останатите и претходните пет. Така да и тие да не беа главни битки тие пет, немаше да бидеме на оваа позиција сега. Секако дека притисок секогаш ќе постои кај секоја репрезентација, затоа што спортски е да се надеваш или да очекуваш дека ќе победиш. Впрочем сите настојуваме да победуваме, притисокот секогаш е присутен. Кај Белгија дали притисокот не знам, дека се главни фаворити и најквалитетни во нашата група тоа е факт. Од друга страна, сите репрезентации имаат свои амбиции, па и Македонија си има свои амбиции. Главна цел ни е да покажеме дека не случајно сме конкурентни во последно време ќе кажам последни ајде да не одам премногу наназад барем во овие последни две години покажавме одреден квалитет кој ја прави Македонија да биде конкурентна и со многу посилни репрезентации од нас“, дополнува Милевски.

Собирот на македонската репрезентација е закажан за 6 октомври во Скопје. Пред отварање на октомврискиот прозорец Македонија е прва со 11 бодови, втора е Белгија со 10 бодови, но со меч помалку, а пак Велс е трет исто така со десет бодови. Казахстан со три бодови е претпоследен, а на дното во нашата група е Лихтенштајн без бодови.

Александар Ванев, М-Нет