СДСМ: 100 дена мандат – 100 дена неработење, од Кабинетот порачаа да ги следат проектите

Уште неудобно седнат во фотелјата Јорданов за 100 дена реализираше само проекти за партиски реваншизам и низа фотосесии, обвинија денес на прес – конференција од ОО на СДСМ Штип. Според нив, првите негови 100 дена биле исполнети само со неработење, нереализирани проекти и партиски реваншизам. Ветуваше нова иднина, велат тие, но не исполни ништо и не работи ништо, со што предизвика револт и разочарување кај пошироката штипска јавност.

„Затоа прашуваме градоначалниче Јорданов каде се кино проекциите во мултимедијалниот центар, до каде е градскиот парк кај Мирјанина црква, до каде е домот за стари лица, до каде се фонтаните во населба Баби, до каде е спортскиот центар со детски игралишта, до каде е обиколницата од булевар Гоце Делчев до Ново Село, каде е продолжувањето на Булевар Партизанска. Првиот човек на општината освен што размислува како да се одмазди на неистомислениците, првите 100 дена ги искористи да се слика на проекти започнати и наследени од времето на СДСМ“ – кажаа од СДСМ.

На ова од Кабинетот на градоначалникот порачаа опозиција добро да ја следи понатамошната работа на Локалната самоуправа и со внимание да ги нотира реализираните проекти.

„Овие 100 дена во кој бев прв меѓу еднаквите и работевме, се потрудивме да реализираме проекти кои ги презентиравме на граѓаните, асфалтирање на улици, уредување на паркови површини. Ако се прашувам дали сум задоволен и дали можело подобро секако дека можело подобро, секогаш човек може да даде повеќе од себе за доброто на општината Се надевам дека се она што ни било како грешка во овие 100 дена ќе го корегираме“ – кажа Јорданов.

Како што додаде Јорданов, реализацијата на презентираните проекти дополнително ќе се интензивира со подобрувањето на временските услови. Она што е сработено во овие 100 дена, вели тој, ќе се види во следниот период, бидејќи она што е на хартија, ќе почне да се реализира.

Лаура Стојанова М-Нет