
Новата локална власт – мета на критика од ОО на СДСМ Штип. На денешната прес – конференција обвинија за неквалитетно менаџирање со нивни проекти, за кои имало завршена тендерска постапка и обезбедени финансиски средства.
„Ги повикуваме надлежните да работат на решавање на проблемите, а не веќе втора недела по ред граѓаните да се движат во небезбедни улици и во мрак поради нивното неодговорно однесување и некомпетентност. За иронијата да биде уште поголема, Иван Јорданов беше против изградба на пешачките конзоли, ги критикуваше проектите на СДСМ, а и тврдеше дека нема никакви проекти. Сега, откако е градоначалник на Штип, не престана да прави фотосесии на проектите изготвени и започнати од времето кога СДСМ беше на власт. Кога веќе Јорданов се фали со проектите на СДСМ, го повикуваме на правилно и одговорно менаџирање со истите. Ова ли се промените кои ги ветувавте пред граѓаните. Ако денот по утрото се познава, Штип во наредните четири години ќе се соочува со проблеми кои властите ниту знаат, ниту умеат да ги решаваа“, додадоа од СДСМ.
Од друга страна, пак, Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, смета дека реализацијата на проекти е забрзана. Истовремено, напомена дека со работа нема да завршат овде.
„Можеби, тоа е констатација на СДСМ од каде практично со месеци не успеаја да ги реализираат проектите коишто ги ветија. На задоволство на сите, јас како нов градоначалник за само две недели реализирав десетина проекти, ја забрзавме ефикасноста на реализацијата на проекти во интерес на граѓаните. Не би додал ништо друго, тоа е, можеби, нивна констатација, но за реалната состојба треба да ги прашате граѓаните. Тие ќе ја кажат реалната состојба, а тоа што јас можам да го кажам е дека нема да застанеме овде. Ќе продолжиме во наредните денови со асфалтирање на улици кои не се проекти на СДСМ, туку се проекти финансирани од парите на граѓаните. Ниту се тоа проекти на ВМРО – ДПМНЕ, ниту се тоа проекти на СДСМ. Тоа се парите на граѓаните коишто Општина Штип ќе ги инвестира во развојот на инфраструктурата“, истакна Јорданов.
Според власта, за две недели многу направиле. Според опозицијата, за само две недели успеале да ја покажат неспособноста.
Ребека Спасова МНет