
Иницијативата на СДСМ и коалицијата за пропорционално намалување на сметките од ЈП „Исар“ на домаќинствата кои се соочуваат со прекин во водоснабдувањето подолго од 24 часа не се најде на дневниот ред на денешната седница на Советот. Советниците Иницијативата ја оценуваат како оправдана, бидејќи со истата се предвидува сразмерно намалување на сметките од ЈП „Исар“ и тоа по сите три основи, за водоснабдување, одведување на води и комунален смет, односно да се намалат за одреден процент согласно со времетраењето на прекинот. Но мнозинството советници не ја прифати иницијативата.
„Бидејќи ова не е е прв случај да се соочуваме со ваква ситуација, сметаме дека ваквата Иницијатива би била оправдана и истата би подразбирала дека за периодот во којшто домаќинствата нема да добиваат вода за пиење сметката пропорционално да се намали. Ова не би значело голема финансиска импликација за самите домаќинствата, но би значело една морална сатисфакција со којашто ќе се покаже еден сериозен однос кон граѓаните. За жал, ваквата Иницијатива не беше прифатена од страна на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и не се најде на дневниот ред“, велат од советничката група на СДСМ и коалицијата.
Од друга страна, пак, за советниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Иницијативата е неиздржана и од таа причина истата не се нашла на дневниот ред.
„Поднесената предлог-иницијатива е неиздржана од причина што корисниците на услугата за водоснабдување која ја обезбедува ЈП „Исар“ е согласно со склучен договор и истата се наплаќа по искористена количина на вода. Следствено на тоа истата не може да се намалува пропорционално со деновите на некористењето на услугата, тоа би било можно единствено доколку наплатата е по утврден модел со утврден месечен износ кој е непроменлив или паушален, а утврден во склучениот договор за користење на услугата. Едноставно, не постои давател на услуга кој ја наплаќа услугата по искористена количина, да обезбедува пропорционална наплата со деновите на некористење, од причина што гоа услугата не се користи, корисникот всушност и не ја плаќа.“ – одговорија од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Ребека Спасова М-Нет