СДСМ: За да доживее реконструкција, Владата прво би требало да го смени премиерот

Организираната криминална група ВМРО гордо соопшти дека завршиле првичните разговори за реконструкција на Владата. Исто како да го реконструираат Титаник, а не Влада. Рокот истекол, резултатот го знаеме, велат од СДСМ.

„По долги и „конструктивни“ разговори, дојдоа до епохално откритие: ќе сменат неколку министри или ќе направат рокади на ресори“, велат од опозицијата.

СДСМ смета дека оваа Влада за да доживее вистинска реконструкција, прво би требало да го реконструираат премиерот.

„Затоа што токму тој ја води Владата, исто како што ја води и партијата. Значи – фан-клуб. Како во партијата, така и во Владата. Реконструкцијата, според нив, ќе донесе „повеќе одговорност, ефикасност и резултати“. Што во превод значи: ќе ги сменат оние што веќе не можат да се бранат и ќе доведат нови кои уште не се истрошени. ЗНАМ, здружението кое повеќе не постои, сега треба да предложи „нови“ лица. Прашањето е само дали ќе биде Максо, или ќе го рециклираат некој стар што веќе го видовме во друга улога. Целта на целата операција е јасна: да се продаде илузијата дека нешто се менува, додека тендер коалицијата продолжува да функционира како и досега. Нова амбалажа, ист производ со поминат рок. Додека тие се занимаваат со преуредување на фотелји, граѓаните се занимаваат со тоа како да стигнат до крајот на месецот“, велат од СДСМ.

Но, додаваат од таму, според Владата, тоа е „личен проблем“ на граѓаните, а не државен.

„На крајот, сè ќе биде како и досега – само со нови имиња и нови изјави за „историски момент“. А граѓаните ќе продолжат да чекаат Влада која работи за нив, а не за себе“, велат од партијата.

Текстот СДСМ: За да доживее реконструкција, Владата прво би требало да го смени премиерот е превземен од МАКФАКС.