СДСМ преку соопштение, по повод 63-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, соопшти дека денес Македонија се соочува со, како што наведуваат, „системска непогода“, обвинувајќи ја Владата за разорување на институциите и довербата кај граѓаните.
„Денес се сеќаваме на земјотресот што го разурна Скопје пред 63 години, а денес гледаме разурена цела Македонија. Тогаш беше природна катастрофа. Денес државата се соочува со системска непогода“, велат од СДСМ.
Од партијата посочуваат дека, за разлика од земјотресот кој траел дваесетина секунди, сегашната состојба, според нив, трае повеќе од две години.
„Повеќе од две години се разоруваат довербата, институциите, економијата и перспективите. Повеќе од две години се трујат водата, народот, медиумите, информациите, институциите и иднината“, се наведува во соопштението.
СДСМ оценува дека денешните последици се гледаат во, како што велат, „разболени граѓани, празни фрижидери, задолжена и изолирана држава и млади што си заминуваат“.
Во соопштението се наведува дека по земјотресот светот покажал солидарност со Скопје, додека денес, според СДСМ, власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски покажува солидарност „само кон сопствените интереси, криминалот и корупцијата“.
„Разликата е една. Земјотресот беше сила на природата. Денешните проблеми се последица на политички одлуки и на начинот на кој се управува со државата. Последиците се видливи – разорена доверба, ослабени институции и земја од која младите заминуваат“, се додава во партиското соопштение.
Текстот СДСМ: Денес се сеќаваме на земјотресот што го разурна Скопје, денес имаме разурната цела Македонија е превземен од МАКФАКС.