
Свечено отворен новиот Рекреативен центар „Ново Село“. Градоначалникот, директорите на јавните претпријатија, советници во Советот и пратеници во Собранието од групата на ВМРО – ДПМНЕ, денеска во Штип го отворија за користење новиот рекреативен центар кој ќе биде достапен за штипјани, особено за најмладите. Според Јорданов, реконструкција на спортски објекти и игралишта допрва ќе следи со цел да се мотивираат младите повеќе да спортуваат.
„На мое огромно задоволство денес сме во Ново Село, го пуштаме официјално во употреба спортскиот центар, којшто опфаќа детски реквизити, детско спортско игралиште, коешто ќе има намена да анимира дечиња, коишто ќе живеат, ќе рекреираат, ќе спортуваат овде. Ова е еден прекрасен парк, едно прекрасно катче, каде што најразлични генерации ќе може да го потрошат своето слободно време. Во секоја населба ќе ги реконструираме сите спортски игралишта со специјализирани подлоги, како што е оваа во Ново Село. Веќе во изградба се неколку спортски објекти во населбите Баби и Железничка, а во текот на годината ќе продолжиме и во другите населби“, истакна Јорданов.
На отворањето присуствуваше и потпретседателката на ВМРО – ДПМНЕ, Гордана Димитриеска – Кочоска, според која, новиот градоначалник покажал дека кога нешто се сака, може да се реализира за краток рок.
„Денес градоначалникот на Штип промовира еден негов проект којшто го има изработено во периодот откако е на функција со пари од Општината, што јасно покажува дека доколку се сака и се има желба, може да се направат и работи, коишто ги реализира за краток временски период. Повеќе од јасно е, секојдневно сме присутни на терен, дека нашите градоначалници работат многу поразлично од тоа што се работеше до сега. Сите тоа можете да го воочите. Нивната работа ќе биде уште повеќе посветена и ќе бидат поангажирани во реализирање на што повеќе проекти во следниот период којшто доаѓа“, истакна Димитриеска – Кочоска.
Рекреативниот центар во Ново Село е инвестиција вредна над 2 милиони денари, пари обезбедени од буџетот на Општина Штип.
Ребека Спасова М-Нет