Свечена ифтар – вечера за муслиманите во Штип пред „Кадин Ана“ Џамија

Голем ифтар организиран пред „Кадин Ана“ Џамија во Штип. Верниците од исламска вероисповед го одбележаа својот тринаесетти ифтар од почетокот на рамазанскиот пост. Речиси на половина од, за муслиманите, светиот месец Рамазан, сите верници од Штип се собраа на заеднички ифтар.

„Ја користам приликата да им го честитам на сите муслимани месецот Рамазан. Исто така им посакувам овој месец да биде месец на постот, месецот со кој ние се зближуваме кон нашиот Создател, нашиот Бог, кон луѓето кои се со нас и се солидаризираме и градиме наша иднина заедно“, порача муфтијата, Насип Реџепи.

На свечениот ифтар присуствуваше и првиот човек на градот под Исарот, градоначалникот Иван Јорданов, кој истакна дека ова е начин да се покаже дека живееме во град во кој се почитуваат различностите.

„На покана на исламската верска заедница вечерва сум на ифтар – вечера по повод месецот Рамазан, кога нашите сограѓани од исламска верска заедница празнуваат и постат. Им посакувам лесен пост! Ова е настан со којшто треба да испратиме порака на обединување, дека ги почитуваме различностите и дека живееме во ист град и градиме иста иднина“, порача Јорданов.

Рамазанскиот месец преку триесетдневен пост и молитва е подготовка за тридневниот празник Рамазан бајрам кој се смета за голем празник во исламот.

Ребека Спасова М-Нет