Самоволие во Виница, исечен дрворед стар неколку децении за нов паркинг простор

Наместо дрва во Виница расте нов паркинг простор. На местото каде претходно имало дрва стари и по неколку децении денеска се создава нов паркинг простор. Дополнително, создавањето на паркинг просторот чии активности се во тек целосно за сега го затвораат тротоарот, што значи дека граѓаните би требало да се движат по улицата. Жителите кои речиси целиот свој живот го поминале во Виница велат дека не е во ред ова сечење на дрвата. Наместо да се садат нови, се уништуваат и веќе постоечките.

Паркинг простор на јавна површина во Виница, затворање на тротарот и сечење на дрвата и дали општина има издадено дозвола за ова го прашавме градоначалникот Миле Петков. Во телефонски разговор за М-Нет телевизија Петков вели тие не издале никаква дозвола, бидејќи и немало поднесено барање за издавање на таква дозвола.

“До нашите служби нема пристигнато барање за таква дозвола и истата не е издадена. Просторот е јавна површина во сопственост на Република Македонија. Инспекторите се на терен за да ја увидат фактичката состојба“ – кажа Петков.

На овој простор претходно бил поставен и споменикот на Кирил Михајловски – Груица, а сега спомен обележјето на народниот херој е заграден во приватен простор.

Лаура Стојанова М-Нет